Полска сака од цензура да ја спаси статуата на папата Јован Павле во Франција

Премиерката на конзервативната влада на Полска, Беата Шидло, изјави во саботата дека Полска ќе се обиде од цензура да ја спаси статуата на папата Јован Павле Втори во француска Бетања откако француската влада ѝ наложи на општината Плоермел да го отстрани крстот кој се издигнува над лакот кој го врамува.

„Полската влада ќе се обиде да го спаси од цензура споменикот на нашиот сонародник и ќе предложи негово префрлување во Полска доколку дојде до договор меѓу француските власти и локалната заедница“, изјави полската премиерка Беата Шидло, пренесе агенцијата PAP.

Француската влада во средата ѝ наложи на општината Плоермел да го отстрани крстот над статуата на покојниот поглавар на Римокатоличката црква, папата Јова Павле Втори, на еден градски плоштад образложувајќи ја ваквата одлука со почитување на законот за одвојување на црквата од државата.

Највисоката француска правосудна власт ја потврди одлуката во прва истанца и им дава шест месеци на властите на градот Плоермел да започнат со отстранувањето на крстот. Самата статуа на папата не се доведува во прашање.

„Нашиот голем сонародник, големиот Европеец е симбол на обединувањето на христијанска Европа. Диктатот на политичката коректност, лаицизирањето на државата оставаат место за вредностите кои ни се културно туѓи и водат во тероризирање на секојдневниот живот на Европејците“, изјави полската премиерка.

Статуата, којашто на францускиот град му ја подари рускиот уметник Зураб Церетели, беше поставен на еден плоштад во Плоермел под лакот над кој се издигнува крст, по договорот на општината од 29-ми октомври 2006 година.

Во април 2015 година судот му одреди на градоначалникот на Плоермел да започне се отстранување на споменикот. Оваа одлука беше поништена во декември истата 2015 година поради пропусти во правната постапка. Државниот совет делумно му дава за право на управниот суд кој оценува дека крстот е во спротивност со францускиот закон од 190 година кој забранува подигнување верски знакови и симболи на јавни споменици или на кое и да е јавно место.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.