Полска со поддршка за Македонија на патот кон ЕУ

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, заедно со Државните потсекретари на Полска, за надворешни работи, Артур Новак-Фар и за инфраструктура и развој,  Марчин Кубијак, денеска ја отвори петтата традиционална “Скопска Конференција.”

 

Конференцијата е процес на соработка за пренесување на полските искуства од интеграција во Европската унија во различни области од европското законодавство и помагање на нашите подготовки за членство во ЕУ. Таа се покажа овие пет години како ефикасен форум за дискусии за европската агенда, директни контакти меѓу администрациите, подобро меѓусебно запознавање и заемно разбирање. Фокус на денешната Конференција е на две важни теми: користење на ЕУ фондовите и прашања од областа на правосудството.

Државниот потсекретар Новак-Фар нагласи дека Полска има искуства и знаење да споделува со Македонија за патот на европската интеграција. Кубијак ја потврди важноста на ефикасна употреба на европските фондови за инфраструктурни проекти и директниот нивен придонес во економијата.

Министерот Попоски потенцираше: „Благодарни сме и натаму сметаме на полската про-активна и конзистентна политичка поддршка за отворање на пристапните преговори на ЕУ со Македонија. Сметаме и на натамошна практична поддршка од Полска, континуирано пренесување на полските искуства и експертиза за европската интеграцијата, во рамките на Скопската Конференција.“

На целодневната конференција учествуваат високи државни службеници и експерти од неколку министерства на Република Македонија и Република Полска.