Полската влада ќе ги продолжи реформите на судството и покрај ветото од претседателот

Полската конзервативна влада извести доцна ноќта во понеделникот дека ќе ја продолжи својата контроверзна реформа во судството и покрај ветото што го вложи на трите закона од оваа сфера претседателот Анджеј Дуда.

„Нема да попуштиме пред притисоците на улицата и странските земји“, истакна полската премиерка Беата Шидло на јавната полска телевизија. Истовремено изрази жалење што претседателското вето ја „забавува реформата“ и „можеби не е разбирлива за оние кои очекуваат добри промени“, што беше слоганот на нејзината партија Право и справедливост (PiS) на последните парламентарни избори есента 2015 година кога надмоќно победи.

Ветото од претседателот Анжеј Дуда „го сфаќаат како поттик за оние коишто се борат за зачувување на неправедниот систем, системот на големи и мали злоупотреби и притисоци врз многу чесни граѓани“, изјави премиерката Шидло.

Шидло реагираше на забраната којашто претседателот Дуда во понеделникот утрото ја стави на Законот за Врховниот суд и на Законот за државниот судски совет што ги изненади во PiS, партија којашто го поддржуваше и беше близок полскиот претседател.

Според толкувањата на полската опозиција и двата закона му даваат поголема улога на парламентот, односно на политичкото мнозинство и на министерот за правда при именувањето на судиите.

Критичарите и дома и во странство тврдат дека овие два закона ја поткопуваат независноста на полското судство. Од PiS, пак, нивното носење го оправдуваат со потребата судскиот систем да биде рационализиран и да се сузбие корупцијата на судиската „каста“.

Полската јавна телевизија веднаш по говорот на премиерката Шидло ја објави официјалната изјава на претседателот Дуда кој повторни дека реформите во судството се неопходни, но дека мора да бидат во согласност со Уставот на земјата. Дуда во образложението на својата одлука рече дека не сака да му дава преголема улога на државниот обвинител кој истовремено ја извршува и должноста министер за правда.

„Не е во нашата традиција државниот обвинител да може да се меша во работата на Врховниот суд“, што го предвидува донесениот закон, истакна полскиот претседател. „Оваа реформа нема да го зајакне чувството на правда во општеството“, вели Дуда, заклучувајќи дека „тие закони мора да се поправат“.

Влијателната во Полска, Католичката црква којашто досега стоеше настрана, „му се заблагодари“ на претседателот на неговата иницијатива, во изјавата на надбискупот Станислав Гадецки претседател на Полската бискупска конференција.

И портпаролот на генералниот секретар на Советот на Европа, кој го критикуваше законот како и другите ЕУ- тела, Торнбјорн Јагланд, изарзи во Стразбур задоволство од ветото на Дуда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.