Полските Америкаци до Обама: НАТО да ги отвори вратите за Македонија

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со задоволство информира дека нашите пријатели, Полско-Американскиот Конгрес (ПАК), глас на повеќе од 12 милиони Американци со полско потекло, испратија писмо до претседателот Обама повикувајќи на негова “безусловна поддршка за полно членство на Македонија во НАТО на Самитот во Британија”.

Во писмото до претседателот Обама, ПАК јасно ја искажуваат нивната загриженост дека проширувањето мора да стане приоритет на овогодинешниот Самит.

“ПАК силно верува дека НАТО проширувањето во Централна и Источна Европа ќе ја зајакне безбедноста во регионот, а во однос на моменталната криза во Украина и Крим, посебно со навлегувањето на Русија во регионот, чувствуваме дека е потребно НАТО да ги отвори своите врати оваа година на нашите сојузници како што е Македонија,” се вели во изјавата на претседателот на ПАК, Френк Џ. Спула.

ОМД ја искажува својата искрена благодарност кон Полско-Американскиот Конгрес и целокупната Полско-Американска заедница. Преку ПАК и ОМД, заедниците на Македонските Американци и Полските Американци работеа внимателно во зајакнувањето на политиката на САД за Централна, Југоисточна и Источна Европа со цел да се заштити безбедноста и мирот на целиот регион. ПАК и ОМД исто така соработуват на домашните прашања на САД како што е целокупната имигрантска реформа, која ја вклучува Полска да биде додадена во без-визната програма на САД. ОМД е гласен поддржувач на ваквата инклузија и верува дека вклучувањето на Полска во без-визната програма на САД ќе претставува темел на патот за другите земји, како Македонија, да бидат вклучени понатаму.

За да го прочитате писмото до претседателот Обама на англиски, притиснете овде. Превод на писмото следи.

До: Претседателот Барак Обама

НАТО самитот во Британија и целосен прием на Македонија

Почитуван г-ин Претседател, по систематските промени кои се случија во Полска во 1989 година, кои последователно водеа кон рушењето на Берлинскиот ѕид и демократската независност на нашата земја, полско-американскиот Конгрес (како глас на повеќе од 12 милиони Американци со полско потекло) е силен застапник за проширувањето на северно-aтланската безбедносна организација (НАТО), како и вклучувањето на Полска како земја членка. Пред петнаесет години, Полска стана член и оваа година ние ја прославуваме оваа важна годишнина за нас. Бидејќи бевме силен предлагач за членството на Полска и работевме со останатите етнички заедници во САД за да го обезбедиме членството на нашите татковини во НАТО, денеска бараме од вас силна поддршка за вклучување на Македонија во Алијансата на самитот што ќе се одржи во Британија. Искрено веруваме дека процесот за проширување на НАТО треба да биде камен темелник на овој важен состанок, нешто што ќе ја зајакне демократијата и безбедноста во лицето на старите и новите предизвици. Како што знаете, од независноста на Македонија во 1991 година, земјата е посветена во достигнувањето на НАТО стандардите за членство и го поддржува НАТО во неговите главни мисии како сојузник во вооружените сили – вклучително во Авганистан, Босна, Ирак, Косово и Либан – со тоа што ги понуди своите воени лица и залихи. Македонија ги исполни сите барања потребни за да стане земја членка на Алијансата, вклучително и комплетирањето на Акцискиот план за членство и нејзината контиунирана поддршка на интересите на НАТО во Југоисточна Европа и подалеку. Конечно, Македонија има добиено, за време на овие шест години откако е квалификувана за НАТО, поддршка од многу земји членки во НАТО за прием во Алијансата. Во овие земји поддржувачи на Македонија спаѓа и Полска како и нејзината иселеничка заедница во САД под водство на полско-американскиот Конгрес, каде двете ја имаат изразено својата гласна поддршка.

Полско-американскиот Конгрес силно верува дека НАТО проширувањето во Централна и Источна Европа ќе ја зајакне безбедноста во регионот, а во однос на моменталната криза во Украина и Крим, посебно Руското навлегување во регионот, чуствуваме дека е потребно оваа година НАТО да ги отвори вратите на нашите сојузници како што е Македонија, се продолжува во писмото.

По направени две рунди на проширување во регионот, веруваме дека е дојдено време за трета рунда – која ќе ја вклучи и Македонија. Господин Претседател, бараме ваша безусловна поддршка за полно членство на Македонија во НАТО на годинешниот Самит во Британија. Македонија е силен и посветен сојузник на САД и НАТО и има дадено вредни ресурси во нашите мисии. Време е земјата да стане најнов член на Алијансата, стои на крајот од писмото.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.