Свет

Полуматурант на училиште однел рачно изработен часовник, бил уапсен за рачна бомба

Полуматурант на училиште однел рачно изработен часовник, бил уапсен за рачна бомба

Четиринаесетгодишен полуматурант е уапсен во САД, откако на училиште однел часовник кој самиот го направил, за кој школските власти помислиле дека е рачно изработена бомба.

Ахмед Мохамед во понеделникот на училиште во предградие на градот Далас однел рачно изработен часовник, што сакал да го покаже на својот учител по технологија.

Сепак, во училиштето настанало тревога дека момчето носи бомба, откако часовникот заѕвонел на час по англиски јазик и учителот го конфискувал.

– Директорот ме одведе во една соба, каде петмина полицајци ме испрашуваа, претресуваа и ги земаа мојот таблет и пронајдок, изјави тинејџерот во интервју за весникот „Далас морнинг њуз“.

За време на сослушувањето на момчето не му било дадено право да се јави кај своите родители.

Голем број корисници на социјалните мрежи го критикуваа исламофобското однесување, според нив, на полицијата во Тексас.

Основачот на „Фејсбук“ Марк Цукерберг на својот профил го повика момчето да продолжи да твори и му порача дека ако некогаш сака да дојде во „Фејсбук“ со радост ќе се сретне со него.

Претседателот Барак Обама, исто така, изрази поддршка за 14-годишникот, порачувајќи му на „Твитер“: Убав часовник, Ахмед. Сакаш ли да го донесеш во Белата куќа?, јави ДПА.