Поморските сили на Италија спасија над 1.000 мигранти за 24 часа

Поморските сили на Италија спасија во изминатото деноноќие над илјада мигранти кои се упатиле кон Европа, соопшти денеска воената флота на земјата, пренесува „Франс прес“.

Спасувачките операции спроведени од борбените бродови, испратени во Средоземното Море по повод операцијата „Маре нострум“, како што го нарекувале ова море старите Римјани, завршија оваа ноќ во близина на јужниот остров Лампедуза. Според податоците на морнарицата биле спасени 823 бегалци, а претходната вечер уште 233. Меѓу нив има 30 жени и 46 деца.

Во спасувачката акција учествувале шест воени бродови и хеликоптери. Повеќето од спасените бегалци се од Египет, Ирак, Пакистан и Тунис.