Помогнете ни или ќе се соочите со џихадистите!

На Тунис му е потребна воена и финансиска поддршка од Западот за да се бори против терористите од Исламска држава или во спротивно Европа ќе се соочи со нив, предупреди Мохсен Марзук, шеф на владејачката туниска партија и советник на претсседателот на Тунис.

– Никој не му помага на Тунис. Не сакаме да бидеме само предмет на убави говори. Да се разбереме, ова е војна, а војната не може да чека да стигне помошта. Тунис е последниот ѕид меѓу терористите и Европа. Ако Тунис не биде во состојба да се избори со нив, Европа ќе се соочи директно со нив, предупреди Марзук во интервју за Индепендент.

Властите во Тунис уапсија 12 осомничени за учество во нападот кога вооружено лице на плажа во Сусу уби 38 туристи, а експерти предупредуваат на можни нови напади.

Според него, на туниската армија и се потребни нови возила, државата има само неколку воени хеликоптери, а осум летала порачани од САД нема да пристигнат до 2017 година.

Патролирањето долж границата со Либија е нов предизвик. На Тунис му се потребни беспилотни летала и радари да спречи шверц на оружје од Либија. Марзук предупреди дека државата се соочува и со влошена безбедносна, но и економска ситуација.