Помош за семејството Рамадани од општина Охрид

Хуманоста на градоначалникот Никола Бакрачески повторно на дело. Првиот човек на градот, денеска беше на увид на местото каде неодамна се урна куќата на охриѓанецот Неџат Рамадан во населбата Кошишта.

Неодамнешните обилни врнежи од дожд и снег биле кобни и го оставиле без покрив на главата Неџат и неговите две деца кои имаат пречки во развојот.

-Општина Охрид, односно Локалната самоуправа како и во претходните случаи кои се однесуваа на семејствата од социјален ризик, така и сега ќе помогне на ова семејство во рамки на своите надлежности и можности. Со парични и материјални средства ќе помогнеме со цел господинот Неџат заедно со своето семејство да добие покрив над главата. Во рамки на нашите надлежности максимално ќе помогнеме тоа да се реализира во што пократок рок. Со оглед на тоа што Неџат е самохран родител на две малолетни деца кои имаат пречки во развојот, апелирам до институциите , бизнис секторот и до сите охриѓани во рамки на своите можности да се вклучат во акцијата за помош што општина Охрид ќе ја организира заедно со дел од невладините организации. Целта ни е што побрзо да обезбедиме покрив над главите на членовите од семејството Рамадан а секако да обезбедиме и подобра нега на двете деца, изјави градоначалникот Бакрачески.

srusenakuka22

Сопственикот на куќата Неџат Рамадан се заблагодари на градоначалникот Бакрачески за интересот да му се помогне на неговото семејство кое ја изгуби трошната куќа.

-Бакрачески е првиот градоначалник во нашиов град кој дојде на увид и имаше слух за проблемот со кој се соочуваме. Од се срце му се заблагодарувам него и ја користам оваа прилика да се заблагодарам на Центарот за социјални грижи и на Здружението на Египќани . За среќа навреме почувствував дека куќата не е стабилна па со моите деца отидов кај соседот кој ни овозможи привремен престој во неговата куќа . Утрото кога куќата се сруши не бевме таму, раскажува Рамадан кој зема месечна семејна пензија од 8. 200 денари и кој поради дневните обврски кои ги има кон своите две деца не може работно да се ангажира.

Куќата на семејството Рамадан била стара околу 200 години и во изминатиов период не била реновирана или реконструирана.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.