Македонија,Економија

Поништена продажбата на земјиштетот кај „Веро Центар“

Поништена продажбата на земјиштетот кај „Веро Центар“

Поради пропуст во Катастарот  поништена е продажбата на државното земјиште  во Маџир маало во Општина Центар, информираше денеска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески објаснувајќи дека било утврдено дека земјиштетот е во приватна сопственост на физички лица поради што се оневозможува водење постапка за отуѓување.

Јанакиески вели дека ова е прв случај во кој е постапено врз основа на добиени неточни податоци, иако досега се отуѓени повеќе од 1.000 локации. Веќе е побарано преземање мерки за одговорните лица.

Јанакиески појасни дека вчера до Министерството се обратиле граѓани со докази дека продаденото земјиште е во нивна сопственост и дека пред неколку години им било вратено согласно Законот за денационализација. За ова, истакна,  постојат  три решенија, од 18.06.2008 година, 28.04.2009 и 9.07.2009 година. По оваа информација Комисијата  за отуѓување градежно земјиште во сопственост на РМ веднаш побарала од Катастарот  да се изврши проверка на документацијата,  врз основа на која е спроведена постапката за отуѓување на земјиштето.

„По извршениот увид  од страна на Катастарот сме известени дека е направен превид во  документацијата која за ова земјиште е доставена до Министерството за транспорт и врски“, рече Јанакиески претставувајќи ги документите доставени до Министерството за транспорт и врски  каде земјиштето е на РМ, а потоа е запишано на четири физички лица.

Предметните денационализации, појасни министерот, биле спроведено во катастарскиот опфат уште во 2009 година, што  може да се види во имотниот лист, но не биле запишани во катастарскиот план.  Кога се прават нумерички податоци основен  документ за продажба на градежно  неизградено  земјиште Кататстарот зема податоци од две книги се до оној момент додека не се дигитализра, посочи Јанакиески.

Во допис до Министерството,  Катастарот, како што наведе Јанакиески, укажува дека е направен пропуст  што се должи на неусогласеност на податоците  од катастарскиот план и  операт, поради што податоците наведени во списокот на индикации за деловите од катастарската парцела од која е оформена градежната парцела не одговараат на податоците на катастарот на недвижности кој во моментот на изработка на копието за нумерички податоци биле во важност.

„Согласно новите доставени податоци, утврдено е дека дел од земјиштето е во приватна сопственост на физички лица, што оневозможува водењепостапка за отуѓување. Оттука, Министерството за транспорт и врски, постапувајќи по доставен приговор од страна на сопствениците на земјиштето,  согласно член 56 став 7 од Закон за градежно земјиште ја поништи постапката за отуѓување на градежното земјиште и сите уплатени средства од страна на најповолниот понудувач ќе бидат вратени во целост“, рече министерот Јанакиески.

Според него, самиот факт што во предлог-програмата на општина Центар за управување со градежно земјиште стои оваа градежна парцела, значи дека до нив биле доставени истите документи, односно ги имала истите податоци како Министерството за транспорт и врски.

Јанакиески ја повика Агенцијата за катастар на недвижности да преземе соодветни мерки за вработените кои ја направиле грешката, бидејќи, како што рече, „не воведе во една непријатна ситуација и мене како ресорен министер, но пред се, Комисијата за јавни наддавања.

“Исто така, сакам да се извинам на приватните лица на кои во 2009 година, согласно Законот за денационализација ова земјиште им било вратено“, рече Јанакиески.

Според него, со оглед дека се уште не е склучен договор со купувачот на земјиштето, односно нема облигациски однос,  нема основ за тужба од негова страна.

Претходно повтори дека целата постапка  за продажба на земјиштето  реализирана  од Комисијата во Министерството, е во согласност со позитивните законски прописи, на транспарентен начин, а секое лице кое ги исполнувало условите можело да се пријави на јавното наддавање, како и да се направи увид во целиот процес на наддавањето. Почетната цена,  како што посочи, е како и за секое друго државно градежно земјиште согласно Уредбата за начинот и постапката на отуѓување и давање под закуп на државно земјиште, сопственост на Република Македонија“, каде цените се во зависност од локацијата и намената за градба.

„Со цел привлекување нови инвестиции и стимулирање развој на туризмот, уште во септември 2010 година Владата утврди почетната цена на јавните наддавање за продажба на градежно неизградено земјиште  на кое  според деталните урбанистички планови е предвидена изградба на објекти за времено сместување, односно хотели да биде евро за метар квадратен на територијата на целата држава. И во Куманово, Битола, Прилеп и Струмица и во секоја општина, каде се отуѓува локација со ваква намена, почетната цена на јавно наддавање мора да биде 61 денар за метар квадратен“, наведе Јанакиески.