Пониски цени и зголемена важност на ТИР карнетите

Пониски цени на ТИР карнетите, зголемена важност од 60 на 75 дена и наскоро повисока гаранција од 60.000 на 100.000 евра добиваат од денеска македонските транспортери преку понудата на СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ и Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ).

Како што информираат пакетот е практично издејствуван по барање на АМЕРИТ на Генералното собрание на ИРУ, што се одржа во ноември 2015 година,  кога е усвоен нов стратешки документ за поедноставување и поевтинување на транспортот со ТИР карнети.

Емил Милев, управител на СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ истакнува дека ставот на транспортната асоцијација беше поддржан и прифатен од сите земји членки на ИРУ и резултираше со прифаќање на предлогот на АМЕРИТ на меѓународно ниво.

Како што појаснува првиот човек на АМЕРИТ, национален претставник на ИРУ,  својата одлука за воведените бенефиции најпрво ќе почне да ја применува во Македонија, а нејзиното спроведување ќе го реализира СИЗ Македонија Сообраќај АМЕРИТ, како гарантна асоцијација за ТИР на територијата на Република Македонија и овластен издавач на ТИР карнети кај нас.

Донесената одлука на ИРУ за зголемување на бенефициите за корисниците на ТИР карнети што ќе се одвива во три фази. Во првата -се зголемува важноста на ТИР карнетот од 60 на 75 дена, а со тоа се овозможува подолг рок на користење на ТИР карнетите за корисниците, што во извесна мера им ја намалува финансиската изложеност и ја зголемува флексибилноста во работењето. Во втората фаза, која започнува од 10 јуни  годинава, се врши намалување на цената на ТИР карнетите, и тоа од 9 до 32 проценти, а во третата фаза, попрепорака од меѓународниот ТИР ланец на гаранции се очекува зголемување на гаранцијата од 60.000 на 100.000 евра по ТИР карнет.

Во соопштението наведуваат дека оваа бенефиција е постигната врз основа на добрата соработка на транспортната асоцијација со Царинската управа на Република Македонија и Меѓународната унија за патен транспорт – ИРУ, како и со имплементирањето на безбедностите елементи од ТИР-ЕПД апликацијата од страна на македонската Царина и интегрирањето на неа со НЦТС системот, односно Новиот компјутеризиран транзитен систем, зголемувањето на сигурноста, можноста за следење на транзитните операции со ТИР карнети во реално време и намалувањето на рекламациите на глобално ниво. Според нив значајна придобивка е и тоа  што третата фаза вклучува и промоција и стимулација на ТИР корисниците за испраќање на ТИР-ЕПД пораки, со тоа што им овозможува да ги користат бенефициите и да заштедат и при испраќање на електронски преднајави и при враќање на ТИР карнетот во асоцијацијата со доказ за испратена ТИР-ЕПД порака.

Се очекува овие бенефиции добиени во заедничката соработка на Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) и  СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ, како нејзина национална членка од Република Македонија, да бидат големо транспортно олеснување за македонските патни превозници, односно да им овозможат поуспешно и поекономично работење, што е особено значајно бидејќи тие се обезбедени во период кога меѓународниот патен сообраќај е обременет со низа транспортни ограничувања и проблеми.