Понуда на државни плацеви за „Купи куќа за млади“ на Саемот за градежништво

Од први до петти март на Скопски саем тринаесети пат по ред ќе се одржи Саемот за градежништво, градежни матеијали и градежна механизација.

Покровител на Саемот за градежништво, втора година по ред е Министерството за финансии со проектите „Купи куќа, за млади“ и „Купи куќа, купи стан“.

Како што информираа на денешната средба со новинари од Скопски саем проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“ имаат за цел да им помогнат на граѓаните полесно да се дојдат до сопствен дом, што се вклопува во концептот на Саемот за градежништво и за недвижнини.

Годинава, новина е што покрај градежни компании, компании за недвижнини и градежни материјали, ќе учествуваат и 14 општини кои ќе понудат државни парцели за изградба на куќи за проектот „Купи куќа за млади“.

– На Саемот за градежништво годинава ќе учествуваат 90 компании, а во рамки на Саемот за недвижнини 20 компании, значи вкупно 110 компании. Имаме учесници и од странство, од Германија, Турција и Србија. Конкретно за проектот „Купи куќа за млади“ на саемот ќе настапат и 14 општини кои ќе понудат плацеви за изградба на куќи. Во рамките на Караванот кој го организираат од страна на Министерството за финансии ќе се доделуваат влезници за посетителите и за сите заинтересирани за  проектот преку што би го решиле своето станбено прашање, изјави Валентина Димитрова, комерцијален директор на Скопски саем.

Димитрова очекува и годинава да има голем интерес за саемот со околу 15.000 посетители. Саемот ќе се одржува во три хали и ќе биде отворен од 10 до 19 часот.

Саемот за градежништво и недвижнини е прва саемска манифестација која се организира годинава на Скопски саем.