Свет

Поплави во Малезија – евакуирани повеќе од 100.000 лица

Поплави во Малезија – евакуирани повеќе од 100.000 лица

Најмалку пет лица загинаа во поплавите што ги зафатија северните делови на Малезија и властите ги присилија да евакуираат повеќе од 100.000 лица, соопштија денеска официјални претставници, објави МИА.

Светските агенции пренесуваат дека ова се најлошите поплави што ја погодиле Малезија во изминатите неколку децении.

Погодени се пет држави од северот на Малезија, а метеоролозите предвидуваат дека обилните врнежи во следниот период ќе ги зафатат и јужните делови на земјата.

Локалните медиуми јавија дека нивото на водата достигнува височина и до два метра и дека куќите се целосно под вода, а владата се соочува со критики што не прогласи вонредна ситуација.

Премиерот на Малезија, Наџиб Разак, изјави дека заради исклучително високите нивоа на водата отежната е евакуацијата и испораката на храна за настраданите.

Разак се најде под жестока критика од јавноста бидејќи беа објавени фотографии на кои се гледа како на Хаваи игра голф со американскиот претседател Барак Обама во исто време кога во Малезија беснееше невремето. Тоа го отвори прашањето зошто Разак не се наоѓа во земјата да ја решава кризата предизвикана со поплавите.

Во некои делови на Малезија локалните власти одлучија заради поплавите и изгубените животи да ја откажат новогодишната прослава.