Поплави во западна Грција

Во повеќе региони од западниот дел на Грција и натаму трае вонредната временска ситуација предизвикана од катастрофалните поплави, а властите веќе почнаа да ги регистрираат огромните штети, пишува МИА.

 Жители од овие региони се евакуирани, а други, пак, се уште  се отцепени од светот. На многу места има свлечишта и  разурнати патишта. Најзасегнати се регионите на  Епир, Арта и Јанина.
Поради лошото време урнат е мост на полуостровот Пелопонез во реонот на граот Триполи, по што привремено во прекин е движењето на моторни возила.
Поплавите предизвикаа паѓања на дрвја, а има и штети кај земјоделските култури.
Властите алармираат и за првите проблеми во северногрчката област Еврос, каде по течението на реката Марица на грчка територија се забележува надоаѓање на големи количества вода, особено по испуштањето на вода од вештачкото езеро Ивајловград. Преливните бранови првично навлегле во реката Арда, а потоа и во реката Марица.
Отцепен е и голем дел од автопатот меѓу Орестиада и Орменион, што води кон грчко-бугарската граница, бидејќи водата таму веќе го покрила коловозот.