Поплавите создадоа над 1000 свлечишта во Србија

Генералниот директор на Сообраќајниот институт ЦИП Милутин Игњатовиќ изјавил денеска дека во Србија во моментот има над илјада свлечишта и дека најмногу се погодени Косјериќ, Мали Зворник, Бајина Башта и Горњи Милановац, јави Танјуг.

Според него, во моментот најмногу работа има во Косјериќ, каде екипи на ЦИП се наоѓаат на терен од вчера и ќе останат уште неколку дена.

„Има толку многу свлечишта, кои мора да се лоцираат и да се прегледаат и дури тогаш ќе дадеме предлози за мерки за санација за оние свлечишта кои можат да се санираат, но дури врз основа на детални истражни работи“, рече Игњатовиќ.

Во врска со големото свлечиште во Мали Зворник, каде речиси цело брдо се придвижило, Игњатовиќ рече дека постојат одредени мерки кои би можеле да се применат за санација.

Тој истакна дека нема да се санираат свлечишта кои не „ги напаѓаат“ станбените објекти, патиштата, железниците и друго.