Попоски учевствуваше на состанокот на министрите во Букурешт

Денес во Букурешт, министерот за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на формалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ.

Приоритети на романското претседавање со ПСЈИЕ се: развивање на регионалната парламентарна соработка, борбата против корупција на високо ниво, промовирање на соработката помеѓу институциите во правосудството, во областа на миграциите и безбедноста на електронската комуникација (cyber security).

Министерот Попоски имаше обраќање истакнувајќи дека подобра инфраструктура за економски развој е единствено решение за негативни миграциони текови од регионот. Важноста за интегрирањето на целиот регион во ЕУ е тие од регионот кои веќе се во ЕУ да не се кочничари, укажа Попоски.

Се осврна и на значењето на опстојување на политиката на проширување на ЕУ во наредниот период, покрај идентификуваните области на помош во интегрирањето, кои треба да продолжат со новата Комисија со уште поголем интензитет. Беше посочено и на неопходноста од развојна помош на регионот, со стратешка ориентација кон макрорегионите со цел нивно приближување, економски и политички, и со јасно дефинирани цели и долгорочна и сеопфатна визија за обединет континент.

На состанокот министрите разменија мислења за актуелните состојби во регионот и перспективите за негово целосно евроинтегрирање, за улогата на ПСЈИЕ како автентичен глас на регионот, можностите за натамошното унапредување на економската со акцент на интерсекторската соработка меѓу државите, како и други прашања од значење за европската и евроатлантската иднина на регионот.

На маргините на настанот, министерот Попоски оствари формална билатерална средба со својот домаќин Титус Корлецеан и неформални средби со другите колеги од регионот.