Попоски: 2014-та ќе биде година на очекувања за стратешките цели на надворешно- политички план

Новата 2014 година за Македонија на надворешно-политички план ќе биде година на очекувања во однос на стратешките цели. Во контекст на евроатлантските интеграции ќе се фокусираме на она што зависи од нас со трикратно зголемување на напорите, а тоа се реформите. Интензивно ќе работиме и на градење позитивна клима во соседството и во регионот, како и на економската промоција на земјата. Тие се трите приоритети: силни реформи, пријатно соседство и економска промоција.

Ова го истакнува во новогодишното интервју за МИА министерот за надворешни работи Никола Попоски. Тој додава дека интензивно ќе се работи и на градење позитивна клима во соседството и во регионот, оти таа зависи, вели, сепак од нас кои живееме од тука.

„Не можеме да очекуваме дека некој од Скандинавија ќе дојде и ќе ни направи скандинавски услови на соработка во регионот. Тоа треба да потекне од нас. За РМ тоа е исклучително важно и поради географската поставеност и поради економските врски кои ги имаме со сите околу нас дека ако некој има интерес од добра меѓурегионална соработка во регионот, тоа е сигурно Република Македонија. Ќе работиме и на премостување на оние предрасуди од кои многу сме пателе во минатото и висок цех сме платиле да бидат пребродени, но и кон што е можно поголем број на проекти кои имаат прекугранична димензија“, потенцира Попоски.

Во врска со иницијативата на претседателот на државата Иванов за ефектуирање на пресудата од Хаг, Попоски потенцира дека таа ја одразува фактичката состојба, но оти какви чекори ќе се преземат зависи од повеќе фактори.

„Не би сакал да предскажувам како ќе се движат работите во иднина. Дали ќе се одлучиме за пат кој е повеќе институционален и ја одразува онаа процедура, која е дефинирана во ОН зависи исто така и од факторите кои носат одлуки во ОН. Не би сакал тоа да го ставам во една равенка во која се работи исклучително за одлука на Република Македонија, туку се работи за потреба на самите ОН да го придвижат овој спор. Пораките одат во таа насока дека и сите оние кои можеби не се директно засегнати од овој спор имаат интерес да видат дека ќе се внесе некаква динамика во тој процес, дека нешто е потребно да се направи за да може тој да се придвижи“, вели Попоски.

„Наш приоритет е да ја намалиме конфликтноста и зголемиме предвидливоста за соработка. Во општества кои се водат од владеење на правото, лекот е во почитување на правните норми, дури и кога се бараат политички решенија“, додава министерот Попоски.