Попоски: Актуелната политичка ситуација има негативен ефект за имиџот на Македонија

Во 2015 година треба да се посветиме на домашната реалност за подобро да ја промовираме во рамки на остварување на нашите стретешки цели – НАТО и ЕУ. Во двата клуба најголемо внимание ќе биде посветено на политичката клима што ја имаме во Република Македонија, а ние ќе треба да ги елиминираме сите можни изговори за изолирање на клучното прашање – наметнатиот спор за името кое е причината поради која РМ која не е дел од НАТО од 2008 година кога требаше да биде и нема преговори за членство во ЕУ од 2009 година кога првпат требаше да ги отпочне. Ова го нагласи министерот за надворешни работи Никола Попоски во денешното излагање за актуелните прашања од надворешната политика на Република Македонија на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика, пренесе МИА.

Попоски истакна дека актуелната политичка ситуација во земјава има негативен ефект првенствено во делот на надворешниот имиџ на РМ.

– Се дава и многу елегантен изговор за тие кои не блокираат со години да имаме фактички преговори со ЕУ бидејќи во такви услови за кој било претставник на земја која се бори за да не можеме да почнеме преговори се купува време на сметка на нашиот недостаток да ги видиме работите од определена дистанца и да речеме дека за оваа држава побитна работа од членството во НАТО и во ЕУ нема, рече Попоски, одговарајќи на прашањата за влијанието на внатрешната политичка ситуација врз надворешната политика на земјата поставени од потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски и од пратеникот Артан Груби.

На прашањето од пратениците Павле Трајанов и Роза Топузова Каревска дали во МНР имаат сознанија за која странска служба односно држава се работи, која сака преку опозицијата да ја дестабилизира Македонија, Попоски истакна дека во РМ има надлежни институции кои треба низ транспарентна и соодвента процедура да утврдат можна вина и инволвираност, како и да преземат соодветни мерки.

– Во никој случај не би требало да предложиме алтернатива на приватно судство односно приватно одлучување на секој актер било да е пратеник, министер или коментатор во јавноста, за конечни одлуки и оценки по прашања кои треба да имаат институционален тек. Во оној момент кога ќе има заклучок по таквите прашања тоа треба да биде јасно и соодветно адресирано, рече Попоски.

Според него, бомбаштво или бојкот, како што рече, никаде во светот не е видено како многу проевропска идеја или метод за пристапување кон ЕУ и затоа повика да се размисли за отстапување од такви активности.

– Во рамки на ЕК постои загриженост за тоа дали би можеле да ја задржат препораката за почеток на преговори во услови кога имаме најголем опозициски актер кој не смета дека е за сходно да функционира во рамки на институции и бара алтернативни методи, рече шефот на македонската дипломатија.

Во тој контекст, Попоски смета дека постојат два ризика. Едниот ризик, подвлече, е пресметката на тие кои не се внатре во институциите дека штетата што ја трпи Македонија во овој момент, е помала отколку ќарот кој би можеле тие да го извлечат на ситно политички поени со дневно бојкотирачки активности. Вториот ризик, потенцира Попоски, е праќање на сигналот до тие кои сакаат да ни помогнат во евроатлантските интеграции, дека не сите политички актери во земјата имаат доволно ниво на свест за тоа што е значајно за нас.

– Неопходно е во Македонија да се фокусираме на давање аргументи на земјите членки кои сакаат да почнеме преговори со ЕУ и отстранување на изговорите кои ги користат тие кои не блокираат. Тоа е првата задача, истакна Попоски.

Во врска со добрососедските односи, Попоски оцени дека тие се во нагорен тренд и во таа насока говореше и за досегашните седум средби на работните групи за договорот за добрососедство со Бугарија, за најавените во 2015 година заеднички владини седници со Косово, Црна Гора, со Србија…

За Грција министерот Попоски потенцира дека од аспект на Република Македонија немаме фаворити и низ пракса е докажано дека многу влади се промениле, но немало искрен пристап ниту за наминување на наметнатиот спор за името, ниту за враќање на кредибилитетот во евроатлантските интеграции.

– Не треба да имаме илузии дека нашето прашање ќе биде повисоко на агендата, кога во ЕУ ги третираат прашањата за Грција, во однос на нивниот витален интерес за зачувување стабилност на еврозоната. Во меѓувреме можеме да придонесеме кон подигнување на исклучително ниското ниво на политичка доверба, рече Попоски.

Во таа насока, Попоски спомена дека на средбата со неговиот грчки Никос Коѕиас во Будимпешта размениле идеи, со конкретни предлози за активности кои би можеле да се реализираат во краток временски период. Главно се поврзани со политичка клима, економски активности, соработка во културата и образованието, мерки кои би ни овозможиле да се намалат стереотипите кои се изградени од двете страни на границата.

– Ова за нас е многу значајно да не биде злоупотребено во насока на тоа дека имаме процес и ќе градиме мерки за доверба, а во меѓувреме нема ништо да направиме суштински за поместување на нашата позиција за блокриање на Македонија во НАТО и ЕУ. Оваа е теза која не наидува на одобрување кај актери во НАТО и ЕУ бидејќи нема дадено резултати, рече Попоски.

По барање на пратениците да ги коментира изјавите  во врска со таканареченото препукување  на релација Вашингтон-Москва преку Западен Балкан, конкретно Македонија, Попоски потенцира дека витален државен интерес став е да да бидеме членки на НАТО и на ЕУ.

– Правејќи го тоа не мислиме зло никому. Воедно сме мала земја која мора да води сметка за сопствените интереси и нашата цел која е отворена не е насочена против никого. Ние сакаме да градиме отворени и позитивни односи со сите битни земји во светот, вклучително и со тие кои се членки во Советот за безбедност, а тука е Русија и Кина, Франција, Велика Британија, како и САД,  кои се нашиот клучен стратешки партнер, појасни меѓу другото министерот за надворешни работи на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.