Попоски: Балканот е клуч за стабилноста на Европа

Балканот е клуч за стабилноста на Европа, а соработката меѓу Европската Унија и Западен Балкан е од големо значење за регионот, смета Министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој по завршувањето на самитот во Париз во изјава за медиумите се осврна на потребата од проширување на Унијата.

Во политичкиот дел најзначаен сигнал беше дека во моменти во кои Британија одлучува да ја напушти Европската Унија, двете движечки сили во ЕУ – Франција и Германија упатуваат сигнал дека интеграциите за Западен Балкан остануваат на маса, истакна Попоски, кој додаде дека ЕУ мора да соработува со земјите од регионот, а тоа стана јасно најмногу со проблемите што ги наметна кризата.

-За сите оние кои заборавија колкава е цената на изостанување на Балканот надвор од ЕУ, што можеше да се види од кризите и војните во 90-те, мигрантската криза беше потсетник. Тука стана јасно дека Европската Унија мора да соработува со земјите од регионот и најдобриот начин да се обезбеди една сигурна и мирна Европа е преку интеграциите на Балканот во Европската Унија. Овој тип на соработка веруваме ќе продолжи и во следниот период, смета Министерот за надворешни работи.

Попоски додаде дека клучно прашање за да се остварат интеграциите и понатаму останува справувањето со билатералните пречки меѓу балканските држави.

-Ризиците со кои се соочува ЕУ во радикализацијата, мигрантската криза, но и потребата за поголема конкурентност, го прават Балканот фактор кој придонесува за поголема стабилност и поголем успех. Сепак, останува да се работи на клучното прашање, а тоа е решавањето на билатералните блокади кои доаѓаат од земји членки на Унијата, додаде Попоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.