Попоски-Даниелсон:Македонија ќе биде посветена на реформската агенда

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска оствари работна средба со Генералниот директор на Европската комисија за проширување Кристиан Даниелсон. Состанокот се одржа во рамките на неговата посета на Македонија со цел редовна размена на мислења со Европската комисија за актуелни прашања во процесот на интеграцијата на Македонија во Европската Унија.

Во фокусот на разговорите беа напорите да не се дозволи поединечни деструктивни политички практики да носат штета на државата и евроинтеграциите, приоритетите во реформите, чекори за градење позитивна клима со Грција. Министерот Попоски го истакна неодамнешното испраќање на исцрпен пакет на документи со статистички показатели и анализи за функционирањето на правосудството со очекување дека истите соодветно ќе бидат проучени и рефлектирани при подготовката на редовниот есенски Извештај за напредокот на Европската комисија.

Притоа потврди дека Македонија ќе продолжи да биде посветена на реформската агенда и напорите за отпочнување на преговорите за членство со ЕУ.
Во пресрет на одржувањето на Комитетот и Советот за стабилизација и асоцијација беше взаемно констатирана одличната комуникација и дијалог кој постои помеѓу надлежните институции во Р.Македонија и службите на Европската комисија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.