Попоски: Датумот за избори зависи од опозицијата

Договорот од Пржино е жив и тој претставува начин за излез од политичката криза, оцени шефот на македонската дипломатија Никола Попоски пред отворањето на редовниот работен состанок на шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва, што од денеска до 26 август се одржува во Министерството за надворешни работи.

– Мислам дека имаме политички договор, тој политички договор останува жив и за нас тој претставува начин за пребродување на оваа политичка криза. Тоа подразбира и организирање избори во согласност со условите кои што се дефинирани со тој политички договор, изјави Попоски, одговарајќи на новинарско прашање дали по лидерската средба на 31 август, на која треба да се утврди договореното, може да се очекува техничка влада со СДСМ.

Според Попоски, единствен знак прашалник во овој контекст е датумот, а во однос на ова прашање има изнесени јасни ставови во јавноста од политичките чинители.

– Ставот на владината коалиција е јасен и тој е дека најголемата опозициска партија има можност, привилегија и луксуз да одбере во кој момент ќе се чувствува комфорно за соочување со граѓаните на демократски организирани избори, рече Попоски.

Запрашан дали има конкретно барање од Турција за испорачување на некое лице поврзано со обидот за воен удар, Попоски одговори дека до овој момент нема такво барање.

Во однос на мигрантската криза, Попоски оцени дека таа не е завршена и Македонија е подготвена за соочување со сценарија и активно работи на дипломатски план заедно со партнерите на избегнување на случувања какви што видовме во минатото.

На новинарско прашање за барањето на Обединетата македонска дијаспора за повлекување на економскиот промотор во Вашингтон, Попоски рече дека се работи за лице вработено во Агенцијата за странски инвестиции и најсоодветно е институцијата што го именува да одговори на тоа прашање.