Македонија

Попоски: Економската дипломатија значајна област за македонските дипломати

Попоски: Економската дипломатија значајна област за македонските дипломати

Освен политичкиот ангажман, економската дипломатија ќе биде втора најзначајна област на која ќе се фокусираат македонските дипломати, истакна денеска министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски.

„Клучна тема ќе биде економската презентација, односно можностите за инвестирање во земјата, извозот и туризмот“, потенцираше Попоски.

Тој нагласи дека иницијативата на претседателот Ѓорѓе Иванов за ефектуирање на пресудата од Хаг ја одразува фактичката состојба, но државниот врв е претпазлив во однос на следните чекори.

„Факт е дека се исполнети сите критериуми во тој правец. Во овој момент не би сакале да навлегуваме во тоа дали, како и што би можело да се случи, но се работи за една констатација која ја одразува состојбата на теренот“, рече Попоски.

Годинава првпат дипломатите ќе имаат средба и со министерот за здравство Никола Тодоров по повод воведувањето на, како што рече, новата активност, односно здравствената дипломатија. Во овие рамки ќе стане збор за активностите кои се преземаат во делот на упатување лекари на специјалистички обуки во странство и презентација на можностите на компаниите од фармацевтската индустрија кои се извозно ориентирани.

Тој денеска во Скопје ја започна серијата средби на претставниците на дипломатско-конзуларни претставништва на Македонија со државниот врв.