Македонија

Попоски: ЕУ треба повеќе да се ангажира околу мигрантската криза

Попоски: ЕУ треба повеќе да се ангажира околу мигрантската криза
Попоски: ЕУ треба повеќе да се ангажира околу мигрантската криза

Потребно е ЕУ да преземе конкретни мерки по прашањето на азилантите бидејќи издвоените по еден милион евра за помош на Македонија и на Србија не се доволни, истакнаа денеска министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Попоски и Ивица Дачиќ, на заедничката прес-конференција на Конференцијата за Западен Балкан во Виена, објави МИА.

Ако нема европски одговор на ова прашање никој од нас нема илузии дека проблемот ќе биде решен. Охрабрува тоа што Европската комисија е свесна за проблемот, истакна Попоски.

Тој укажа дека Македонија е соочена со специфичен проблем што во неа влегуваат мигранти од земја-членка на ЕУ. Притоа тој нагласи дека во Македонија до скоро влегуваа по 4.000 бегалци дневно, како и дека прогнозите за наредниот период се дека дневно во земјата ќе пристигнуваат по 3.000 мигранти.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ подвлече дека Европа е соочена со најголемата бегалска криза од Втората светска војна и дека станува збор за преселба на народите на чиј пат се наоѓа и Србија како земја на транзит. Тој потенцира дека само оваа година во Србија се поднесени 94.000 барања за добивање азил, иако подвлекува дека големиот број мигранти кои влегуваат во Србија од Бугарија, Македонија, а претходно од Грција, само ќе транзитираат низ земјата.

Со години зборувавте дека азилантите доаѓаат од Србија и Македонија во ЕУ. Ние можеме сега да кажеме дека нам ни доаѓаат мигранти од Европската унија. Ве прашуваме кога ќе воспоставите јасни контроли и како ќе ги спречите да доаѓаат. Тоа нема да го спречите со милион евра кои имате намера да ги дадете, подвлече Дачиќ.

Шефот на австриската дипломатија и домаќин на средбата Себастијан Курц подвлече дека е неопходно вниманието на ЕУ да се пренасочи на западно-балканската рута и дека е потребен европски пристап во решавањето на проблемот со азилантите. Според него, само со заеднички европски пристап е можно пронаоѓање решение за предизвикот со кој се соочува континентот.

Ако не најдеме брзо европски одговор, тогаш државите ќе се обидат со сопствени иницијативи да ја решат кризата. Тоа нема да биде успешно и ќе ја загрози европската идеја на отворени граници, предупреди Курц.

Курц: Срамно е што Грција само ги пропушта бегалците

Курц: Срамно е што Грција само ги пропушта бегалците
Курц: Срамно е што Грција само ги пропушта бегалците

Тој остро ја критикуваше Грција дека е срамно една земја членка на ЕУ само да ги пропушта бегалците. Оцени дека Грција дури го поддржува преминувањето на мигрантите наведувајќи дека со намера бродови со азиланти се закотвуваат во пристаништето во близина на границата.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан исто така оцени дека актуелната криза во врска со азилантите може да се надмине доколку „сите држави почнат европски да размислуваат и европски да делуваат“.

Сите 28 членки на ЕУ треба да соработуваат и не смеат да се кријат оние кои не се погодени. За неколку недели можно е други региони на Европа да бидат  зафатени од кризата, рече Хан.

Тој ги повика на солидарност сите членки на Унијата и изрази уверување дека кризата ќе биде надмината и дека ќе бидат создадени услови да им се помогне на земјите на транзит на мигрантите. Притоа укажа дека ЕУ за Македонија и Србија ќе стави на располагање по 1,5 милион евра за поддршка за соочување со проблемот на азилантите.

Министерот за надворешни работи на Германија Франк Валтер Штајнмаер нагласи дека е неопходно итно решавање на овој проблем кој претставува голем предизвик, а сите членки, нагласи, мораат да ги исполнат своите домашни задачи барајќи притоа европска солидарност и фер распределба на бегалците.

Без фер распределба ризикуваме да отпадне подготвеноста на прифаќање бегалци во државите кои се посебно изложени на товарот на миграцијата. Потребни се исти стандарди и исти процеси, како и обврска за благовремена регистрација, рече Штајнер, подвлекувајќи дека е неопходно да се соработува и со земјите на транзит на мигрантите.