Попоски: Физичка заштита за намалено нелегално минување на границата

Очигледно и кај нас ќе треба некаква физичка заштита за да го намалиме нелегалното преминување на границата. Тешко е тоа да се постигне за кратко време, а не е решение за долг период. Но доколку озбилно го земеме тоа што го бара од нас Европа, тогаш ќе има потреба и од тоа. Било војници, било ограда, или комбинација од двете.

Ова во интервју за унгарскиот неделник „Фигуело“ го посочи министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски.

Како влијае бегалската криза врз Македонија. Како може да се справите со повеќе илјадите бегалци, кои дневно ја преминуваат грчко-македонската граница?

Полека се навикнавме на дневно 500-те бегалци, но сега веќе дневно доаѓаат три-четири илјади. Се има случено во рок од 48 часа 12 илјади луѓе да пристигнат од грчките острови во Македонија. Во оваа состојба, Европската Унија бара од нас сите да ги регистрираме, да нема илегално преминување на границата, да им дадеме право на азил на оние кои имаат право на тоа и сите барања поединечно да ги разгледаме. Без надворешна помош тоа физички не можеме да го оствариме. Земете го во предвид тоа дека Македонија е држава со само два милиони жители.

Реално, на колку луѓе може да им помогнете?

Се разбира дека пробуваме секој кој ќе пристигне на границата да регистрираме. Но, штом ние сериозно го земеме тоа што го бараат од нас европските партнери, односно пробуваме да ја контролираме границата, ги сопираме луѓето, веднаш добиваме негативни меѓународни реакции.

Мигранти на јужната граница на Македонија, фото: МИА
Мигранти на јужната граница на Македонија, фото: МИА

„Амнести Интернационал“ на почетокот на месецот во голема мерка ве осуди, бидејќи ја затворивте границата кај Гевгелија и ги потиснавте бегалците употребувајќи и флеш гранати.

Од Европа бараат да се придржуваме кон сите правила на Унијата и покрај тоа што не сме членка на ЕУ, само земја кандидат за членка. Но, сепак, да посочам на тоа дека мигрантите кои пристигнуваат кај нас всушност доаѓаат од една држава членка на унијата. Не сакаме да посочуваме кон Грција. Всушност, очигледно и они прават се да го ублажат притисокот кој им тежи, но за жал едноставно го префрлуваат проблемот на соседната држава, односно на нас. Според мене, внатре во ЕУ треба да постојат одредени основни правила, кои би гласеле проблемите да се решаваат внатре во унијата.

Но и вие ги префрлувате бегалците понатаму на Србија, тие пак на Унгарија, а ние понатаму на западот. Што може да биде крајот на ова?

Навистина, практично и ние ја префрламе топката на територија на друга држава, но причина за тоа е дека нема заеднички европски одговор, нема европски договор за тоа, како да се справиме со ова прашање.  И додека балканските држави, ЕУ и Турција не може да се договорат околу справувањето со проблемот, до тогаш нема да има координиран одговор.

Унгарија гради ограда за да се заштити од напливот на нелегални мигранти
Унгарија гради ограда за да се заштити од напливот на нелегални мигранти

Дали размислувавте за тоа да ги заштитите границите со ограда, слично како што го стори тоа и унгарската влада?

Очигледно и кај нас ќе треба некаква физичка заштита за да го намалиме нелегалното преминување на границата. Тешко е тоа да се постигне за кратко време, а не е решение за долг период. Но доколку озбилно го земеме тоа што го бара од нас Европа, тогаш ќе има потреба и од тоа. Било војници, било ограда, или комбинација од двете. Но нагласувам: не го сметаме ова за добро решение.  Меѓутоа, доколку ние не ја зајакнеме границата, знаејќи дека од другата страна тоа не го прават, тогаш не може да ги задоволиме европските барања. Или се разбира може да кажат едноставно да ги оставиме премините отворени и да ги пуштиме бегалците.

Не сте во лесна состојба, бидејќи односите со Грција и онака не ви се ведри поради спорот со името, а и датумот за приклучувањето кон ЕУ постојано се одложува.

Според мене се помалку и помалку интерес има за решавање на спорот околу името, а во меѓувреме и другите земји членки се навикнаа на ситуацијата, што го блокира членството на Македонија во унијата. Датумот за приклучување постојано се менува. Ние можеме само да ги спроведеме сите важни реформи, едноставно во сопствен интерес, независно од приклучувањето кон унијата и НАТО. Спорот со името никогаш нема да можеме да го решиме двострано со Грција. Ова е една асиметрична состојба, всушност односите со Атина ни се многу добри, нема секојдневна напнатост, економските и бизнис односи се одлични, туристите доаѓаат и одат. Но никој не ги притиска грчките политичари. За нивната внатрешна политика би бил непопуларен било каков компромис, и многу полесно е да се игнорира ситуацијата, отколку одговорно да се учествува во средувањето на истата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.