Попоски-Хан: Избори на 5 јуни се најдобар пат за Македонија

Попоски-Хан: Избори на 5 јуни се најдобар пат за Македонија
Попоски-Хан: Избори на 5 јуни се најдобар пат за Македонија
Избори на 5 јуни се најдобар пат за Македонија да ја врати агендата и да почне со преговори за членство во ЕУ, заклучиле македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и еврокомесарот Јоханес Хан на денешната средба во Драч одржана на маргините на министерска конференција за Западен Балкан, соопшти МНР.

Попоски имаше средба и со државниот секретар за европски прашања на Франција Арлем Дезир, кој по разговорот со шефот на македонската дипломатија на Твитер напиша дека Париз ја поддржува реализацијата на договорот од Пржино како клучен елемнт за приближувањето на македонија кон ЕУ.

Билатерални средби во Драч, шефот на македонската дипломатија имаше и со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Игор Црнадак, со генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ, подсекретарот во италијанското МНР Винчензо Амендола и министерот за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати.

Министрите за надворешни работи од шестте балкански земји и Чешката Република, како претседавач на Вишеградската група, со комесарот Јоханес Хан, денеска на собирот во Драч разговарале за Париската конференција која треба да се одржи на 4 јули оваа година.

Попоски на конференцијата порача дека интеграцијата меѓу балканските земји треба да оди „рака под рака“ со интеграцијата во ЕУ.

– Треба да се интегрираме како регион помеѓу нас, паралелно со интегрирањето во ЕУ. Изградбата на подобри патишта и енергетски врски мора да е проследено и со полесно водење бизнис низ соседството и патување без рампи во регионот. Не треба да се има илузии дека ЕУ ќе може да биде дарежлива за финансирање на инфраструктурата во нашите земји во иста мерка како што беше тоа случај во другите земји кои веќе се приклучија на Унијата. Треба да сме реални дека тоа е минато. Денес имаме можност сами да работиме на интеграција помеѓу нас кои сме на пат кон ЕУ и оние земји од регионот кои веќе се членки на ЕУ. Се сведува на конкретни работи низ кои треба да го гледаме идното членство во ЕУ, посочи министерот Попоски.

Фокусот на конференцијата во Драч беше на статусот на проектите за регионална поврзаност од  претходната Виенска конференција во 2015 година, како дел од Берлинскиот процес за највисока политичка поддршка на идно членство на балканските земји во ЕУ, а биле донесени и заклучоци за основање младинска регионална канцеларија и проекти за мобилност на студенти и вработени во државните администрации меѓу земјите од регионот.