Попоски и Јанкуловска ги информирале амбасадорите за „Пуч“, според ЕУ обвиненијата се многу сериозни

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ги информирале амбасадорите на земјите членки на ЕУ и други амбасадори за акцијата Пуч. Попладнево сите детали околу акцијата на МВР, во која меѓу четворицата осомничени е и лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев, биле презентирани пред амбасадорите, објави Република.

Како што наведе јавното обвинителство, Заев соработувал со странски разузнувачки служби.

Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на Европската унија испрати соопштение по поднесените кривични пријави за шпионажа и обид за уривање на уставниот порадок во земјата и бара почитување на правата на обвинетите.

Како што јавува МИА, Маја Коцијанчич, портпарол на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, посочила дека Брисел е информиран од македонското МНР за детали во врска со обвиненијата, за кои вели дека се „многу сериозни“ потсетувајќи притоа на неотуѓивото право за независна и транспарентна истрага, н0 и целосно почитување на правата на обвинетите, вклучувајќи го и принципот на презумпција на невиност.

-Политичките партии треба да се воздржуваат од дејствија што уште повеќе ќе ја поткопа ситуацијата, стои во соопштението на дипломатската служба на ЕУ.