петок, 2 декември 2016  |  Вести денес: 74

Попоски: Има промени во односите со Грција

Во изминатата година воведовме мерки за градење доверба со Грција и имаме целосно нов квалитет на билатералните односи, оценува вицепремиерот и министер за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски во интервју за австрискиот дневен весник „Ди Пресе“.

грција

Поврзани вести

Во интервјуто Попоски нагласува дека уште од независноста на Македонија не постоел период на толку интензивна соработка со Грција.

Запрашан дали очекува оти Грција наскоро ќе се откаже од блокадата во ЕУ против Македонија, шефот на македонската дипломатија вели дека би било премногу оптимистички да се каже дека знае кога точно ќе се случи тоа. – Но, атмосферата е промената, а тоа е добар предуслов за да се случи нешто во тој правец, вели Попоски.

Според него, Европскиот совет во 2009 година направил грешка бидејќи не ја следел препораката на Европската комисија за отпочнување на претпристапните преговори на Македонија.

Сега ја добивме осмата препорака на Европската Комисија за отпочнување пристапни преговори. Првата ја добивме во 2009 година. Европскиот совет тогаш ја направи големата грешка што не ја следеше оваа препорака. А Грција бараше да се одолговлечи почетокот на преговорите. Во Советот се создаде впечаток дека преговорите само за кратко ќе се одложат и дека спорот за името ќе се реши во најбрзо време, оценува Попоски.

Во однос на критиките за корупција и влијанието врз судството во најновиот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија, министерот Попоски со став дека постојат неколку критички точки што укажуваат на проблеми што ги имаат сите земји од регионот, без разлика дали се во ЕУ или не. – Владеењето на правото или ефикасноста на админстрацијата се точки во кои мораме да покажеме напредок. Ова важи за Македонија, но исто и за Србија, Црна Гора и Албанија. Сепак, најголемиот напредок се постигнува за време на преговорите за членство во ЕУ. Затоа, најголемата грешка беше отпочнувањето на преговорите со Македонија да се одложува веќе осум години, вели Попоски.

Осврнувајќи се на односите меѓу ЕУ и Турција и дали договорот за бегалците меѓу ЕУ и Анкара може да биде неуспешен, министерот Попоски со став дека не верува оти тоа ќе се случи.

Сè уште не сме ја достигнале точката на која Договорот може да доживее неуспех. На Турција ѝ се потребни сојузници, а на ЕУ – и пред сè на Германија – и е потребен договор, за да се спречи минатогодишната состојба. Ниту еден политичар не може да си дозволи влез на толку многу бегалци, а особено не Германија, на која ѝ претстојат избори во 2017 година. Не мислам дека некој сериозно сака да го загрози договорот меѓу ЕУ и Турција, истакнува Попоски.

За тоа како Македонија се справува со бранот мигранти, Попоски вели дека дневно се регистрираат од 20 до 50 илегални преминувања на границата, односно од почетокот на годината, повеќе од 30.000 луѓе се обиделе илегално да ја преминат границата што, според него, е далеку помалку во споредба со минатата година кога околу 40.000 лица дневно ја поминувале границата.

Но, треба да ни биде јасно дека кризата сè уште не е надмината. Не би сакал да исклучам ситуација кога повторно повеќе луѓе би ја користеле балканската рута. Барем не засега, вели Попоски, додавајќи дека доколку ситуацијата остане како што е сега, тогаш нема да има потреба од дополнителни австриски полицајци кои и помагаат на македонската војска и полиција на јужната граница.

Најчитани вести