Попоски: Крајно време е да упатиме неколку значајни пораки за справувањето со мигрантската криза

На состанокот, кој се одржува по иницијатива на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, учествуваат и министрите за надворешни работи на Бугарија и на Албанија, Даниел Митов и  Дитмир Бушати.

Попоски рече дека една од пораките која се упатува од Солун е дека четирите земји ќе соработуваат за спречување на нелегалната миграција и избегнување инциденти како оние што се случуваа минатиот период.

– Подолго време имаме комуникација, сметаме дека грчките власти ќе имаат дефинитивно интерес од дислоцирање на големата маса на беглаци кои се на самата грчко-македонска граница, каде има повеќе од 20 илјади луѓе. И тоа најмалку од две причини: првата е хуманитарна, бидејќи оние услови кои ги видов на границата навистина се субстандардни. Втората е безбедносна, бидејќи во камповите за сместување ќе имаат дефинитивно посигурни и подбри услови, истакна шефот на македонската дипломатија.

Попоски додаде дека еден од аспектите кој сигурно ќе биде дел од дискусијата е регионалната клима и соработката со Грција, „и веројатно патоказот за продолжување со мерките за градење доверба“.

– Ова е нешто за што дискутиравме, нешто што сигурно страдаше поради инцидентите на границата и употребата на насилство на мигрантите за кои почувствувавме дека можеби има потреба од поголем грчки ангажман. Но не смееме да дозволиме поради тековната криза да страда една многу позначајна цел, а тоа е зголемување на довербата меѓу Грција и Македонија и излез од оној ќорсокак во кој сме влезени веќе долг временески период на сметка на граѓаните од двете страни на границата, истакна македонскиот министер.

Од состанокот во Солун тој очекува дека мора да се дискутира за мерките кои се потребни за спречување на нелегалната миграција и за мерките кои е неопходно да се преземат од грчка страна за избегнување на насилство и избегнување на масовните нелегални премини за кои се обидуваат оние мигранти кои во моментов се заглавени во шатори на самиот граничен премин.

На маргините на состанокот во Солун, закажани се и одвоени билатерални средби на Попоски со грчкиот и бугарскиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас и Даниел Митов.