Македонија,Политика

Попоски: Македонија ќе продолжи да се фоуксира на економскиот развој

Попоски: Македонија ќе продолжи да се фоуксира на економскиот развој

Во услови во кои пораките од Брисел се дека во овој мандат на Европската Комисија нема да има нови членки во Европската Унија, неопходно е да се фокусираме на економскиот развој, крупните инфраструктурни проекти и да го зголемиме обемот и ефикасноста во користењето на европските фондови, рече денеска во Котор, министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Попоски денеска учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите опфатени со Процесот за стабилизација и асоцијација, комесарот за проширување на Европската комисија Штефан Филе и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ, кој се одржа во Котор, Црна Гора.

На состанокот беа разменети мислења за продлабочување на соработката помеѓу земјите од регионот во конкретни области од заеднички интерес, значајни за процесот на интеграција во Европската Унија. При тоа, комесарот за проширување во Европската комисија Штефан Филе презентира иницијатива за зајакната соработка, како политичка рамка за координација на активностите во процесот на пристапување кон Унијата, во области кои имаат регионална димензија. Учесниците на состанокот разговараа и за идните чекори во насока на имплементација на Стратегијата за Југоисточна Европа 2020 и транспортната и енергетската поврзаност меѓу земјите од регионот.

Воедно беше истакната важноста на координирањето мегу различни извори на финансирање на крупни проекти од регионално значење.

Истакнувајќи ја активната улога на Република Македонија во регионалната соработка, министерот Никола Попоски ја нагласи корисноста од натамошно зајакнување на соработката и споделување на искуствата меѓу земјите од регионот во области важни за европскиот интегративен процес, што внесува нов квалитет во регионалната соработка. Попоски ја истакна важноста која Република Македонија ја придава на реализацијата на крупни инфраструктурни проекти кои ќе имаат позитивно влијание врз долгорочниот економски раст и развој и ќе придонесат во адресирањето на клучните предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот на економски план.

“Во услови во кои пораките од Брисел се дека во овој мандат на Европската Комисија нема да има нови членки во Европската Унија, неопходно е да се фокусираме на економскиот развој, крупните инфраструктурни проекти и да го зголемиме обемот и ефикасноста во користењето на европските фондови”, рече Попоски.