Попоски: Македонија се соочи со насилен обид за упад на стотици мигранти

Шефот на македонската дипломатија во изјава за Би Би Си рече дека поставувањето на оградата е со единствена цел да се запре илегалната миграција. Нашата земја ги почитува одлуките на Европскиот Совет…

Македонија се соочи со насилен обид за упад на стотици мигранти, вели министерот за надворешни работи, Никола Попоски, во интервју за Би Би Си, откако вчера околу 500 мигранти со метални столбови ја пробија оградата на границата со Македонија.

Тој потенцира дека поставувањето на оградата е со единствена цел да се запре илегалната миграција и нагласи оти нашата земја ги почитува одлуките на Европскиот Совет.

Ние го попречуваме нелегалното преминување на границата од Грцијата во Македонија, бидејќи забележавме дека неколку стотици илјади луѓе ја преминуваа оваа граница во изминатава година и половина. Во овие моменти се обидуваме да ги имплементираме одлуките на Европскиот совет, да ја спречиме илегалната миграција, а мигрантите да ги регистрираме во прифатните центри, изјави министерот Попоски.

На прашањето на новинарот на Би Би Си, Еван Дејвис, дека полициските сили употребиле солзавец врз многу луѓе, меѓу нив и деца, Попоски објасни дека не е коректна таа оценка.

Ова не е фер оценка. Видовме околу 400 млади машки лица кои на сила се обидоа да влезат на македонска територија од Грција. Ако вие сте припадник на безбедносните сили и сте соочени со ситуација во која има насилен обид од неколку стотици млади машки лица да влезат на ваша територија, без волја да се регистрираат или да одат во прифатните центри, тоа не е во согласност со договореното на европско ниво. Ако мене ме прашувате, за Македонија е најлесно да се повлече и да им дозволи на сите мигранти да поминат кон западна Европа, но тоа е точно она на кое земјите – членки на унијата силно се противат, потенцира министерот Попоски.