Попоски на Конференцијата за регионална соработка и проширување во земјите од Западен Балкан

Министерот за надворешни работи Никола Попоски утре во Брисел ќе учествува на Конференција на тема „Проширување, економски раст и управување“ , организирана од страна на Советот за регионална соработка (СРС), Канцеларијата на Баден-Виртемберг на ЕУ и Европскиот Фонд за Балканот.

Конференцијата се одржува во рамките на Денот на регионална соработка во Брисел. Регионалната соработка е од особена важност за внатрешното функционирање на ЕУ, но е и клучен аспект во процесот на проширување. За време на конференцијата ќе бидат разгледани предизвиците и достигнувањата на тој план, а ќе биде промовиран и Балканскиот барометар, алатка за следење на „Стратегијата ЈИЕ 2020“ на СРС и реформскиот процес во целина.

Министерот Попоски ќе има свое обраќање на панелот за „Проширување, економски раст и управување“ , на која ќе ја потенцира потребата за понатамошно унапредување на регионалната соработка и интегрирањето на сите земји од регионот во евро-атланските структури.

На Конференцијата е најавено  учество и на Комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан и поголем број министри и други високи претставници. Се очекува фокусот на дискусиите да биде ставен на регионалната соработка, реформите во областа на економско управување, владеењето на правото и јавната администрација, како и други регионални иницијативи, меѓу кои од особена важност е Берлинскиот Процес.