Попоски на министерска средба „Брод Процес“

Министерот Никола Попоски денеска ќе учествува на министерската средба „Брдо Процес”, која ќе се одржи на Брдо при Крањ, Република Словенија.

Домаќини на средбата ќе бидат министерот за надворешни работи на Република Словенија, Карл Ерјавец и францускиот министер за надворешни работи, Лоран Фабиус.

На состанокот, како што соопшти МНР, се очекува да учествуваат високи претставници на Австрија, Германија, Италија и Хрватска од државите на Европската Унија и министрите од државите од регионот: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора.

На конференцијата ќе присуствува и Европскиот комесар за европска соседска политика и за проширување, Јоханес Хан, а се очекува и учество на заменик-претседателот на Европската комисија и Висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.

Се очекува да бидат разгледани прашања во врска со регионална соработка и релациите со земјите – членки на Европската Унија, како и бројните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан.