Македонија

Попоски на министерскиот состанок на НАТО во формат „Решителна Поддршка“

Попоски на министерскиот состанок на НАТО во формат „Решителна Поддршка“

На маргините на состанокот, Министерот Попоски оствари средби со своите колеги. Главните теми во дискусиите ги опфатија последиците од политичката криза врз европските и евро-атлантските интеграции на Република Македонија.

Како што соопштуваат од МНР, на средбите било изразено сочувство за загубените животи и повредените во нападите кај Куманово, како и загриженоста од присуство и активност на опасна терористичка група во Република Македонија.

Со министрите за надворешните работи на Грција и Бугарија посебно се разговараше за условувањата кои земјите ги имаат поставено кон Република Македонија и кои се предуслови за одблокирање на процесот на пристапување кон ЕУ и НАТО.

Со министерот за надворешни работи на Грција се разговараше за предложените мерки за градење доверба од една страна, како и за наметнатиот спор за именувањето на Република Македонија, кој опстојува како пречка за членство во НАТО и ЕУ.

Со министерот за надворешни работи на Бугарија се разговараше за безбедносните закани и потребата од отворена соработка меѓу сите земји во регионот, како и за условувањата со меѓудржавен договор кој од бугарска страна е истакнат како предуслов за поддршка на патот кон НАТО и ЕУ.

Со сите министри на земји членки на НАТО и ЕУ беа разменети ставови околу ефектите кои ги има долгогодишното одложување на членството во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ  врз Македонија и регионот.