Попоски на отворањето на Почесен конзулат на Полска

Министерот за надворешни работи Никола Попоски во обраќањето на денешното свечено отворање на Почесниот конзулат на Република Полска во Охрид го потенцираше значењето на повеќедецениското македонско-полско пријателство и партнерство, како главна одлика и темел во градењето на севкупните билатерални односи, како и  придонесот на повеќе истакнати полски политичари, интелектуалци и културни дејци, во зближувањето на двете земји и народи.

Шефот на македонската дипломатија посебно се заблагодарил на континуираната и принципиелна полска поддршка за македонските европски и евроатлантски интеграции, а ја издвоил и потребата за подобро искористување на економските потенцијали на двете земји, заради натамошно унапредување на економската соработка.

Честитајќи го свеченото отворање на Почесниот конзулат на Република Полска со седиште во Охрид, министерот Попоски му посакал успешна работа на почесниот конзул, Коста Костовски и изразил уверување дека тој ќе има огромен придонес во натамошното зацврстување на пријателството и во продлабочувањето на економската, научната, образовната и културната соработка меѓу Македонија и Полска.

На свеченоста, соопшти денеска МНР, присуствувале и државниот потсекретар во полското Министерство за надворешни работи, Артур Новак-Фар и државниот потсекретар во полското Министерство за инфраструктура и развој, Марчин Кубиак.