Попоски на работен појадок со амбасадорите на земјите од Вишеградската група

На покана на Амбасадорот на Словачка во Република Македонија, министерот Попоски утрово беше гостин на работен појадок со амбасадорите на Чешка, Полска и Унгарија, што традиционално се организира од актуелниот претседавач со Вишеградската група.

Како што информираат од Кабинетот од Министерот, настанот беше искористен за размена на мислења за соработката меѓу Република Македонија и четирите земји во различни области од взаемен интерес, интергацијата на Македонија во ЕУ и НАТО, регионалните состојби и проекти наменети за што поголемо регионално економско и инфраструктурно поврзување, а во овој контекст и за активностите на Македонското претседателството со ЦЕИ во 2015 година.

Амбасадорите од Вишеградската група ја реафирмираа принципиелната и конзистентната поддршка на нивните земји за проширувањето на Европската Унија и НАТО со мериторен пристап и исполнување на неопходните критериуми за членство во двете организации.

Работниот појадок се одржа во скопскиот ресторан Пелистер и се совпадна со манифестацијата “Денови на словачката гастрономија”, која во организација  на амбасадата на Словачката Република се спроведува во овој ресторан во периодот 20-26 април.