Попоски на самит за Западен Балкан во Париз

Заменик претседателот на Влада на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на Третиот самит за Западен Балкан кој се одржа во Париз под покровителство на Претседателот на Република Франција Франсоа Оланд.

На сесијата на министрите за надворешни работи која ја водеше МНР на Франција Жан Марк Еро со учество и на Комесарот за добрососедска политика на ЕУ и преговори за проширување Јоханес Хан, беа дискутирани прашања од областа на миграциите, борбата против тероризмот и радикализацијата, политиките за младите и економските реформи како еден од предусловите за пристапувањето во ЕУ.

Попоски истакна дека покровителството на Франција и Германија на самитите на високо ниво посветени на земјите од Западен Балкан, како највлијателни земји членки на ЕУ, се најдобра гаранција за враќање на кредибилитетот на проширувањето и перспективата регионот да стане дел од ЕУ. Ваквиот интерес е силен сигнал и поттик за економскиот развој и подобрата иднина за младите од регионот.

„Значаен е моментот по одлуката за излез од ЕУ на Обединетото Кралство. Франција и Германија денес потврдуваат дека ветувањето за цел Балкан во ЕУ ќе биде исполнето. Веројатно за повеќемина се научени лекциите од минатото, кога Балканот беше извор на нестабилност. Најдобар начин тоа да се избегне повторно е интегрирањето на цел регион во ЕУ“, истакна Попоски.

Тој заклучи е дека е потребно ЕУ да ја зајакне финансиската помош за регионот преку позначителни грант средства и нивно комбинирање со средства од кредитни линии што ќе придонесе за унапредување на инфраструктурното поврзување помеѓу земјите и зголемување на инвестициите.

Според Попоски, важно е барањето на механизми за надминување на билатералните спорови да остане високо на агендата на процесот, како помеѓу земјите кандидати така и помеѓу земјите кандидати и земјите членки на ЕУ.