Македонија

Попоски на самит за запирање на сексуалното насилство за време на конфликт

Попоски на самит за запирање на сексуалното насилство за време на конфликт

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска на покана на шефот на британската дипломатија, Вилијам Хејг, учествуваше со свое обраќање на Глобалниот самит „Запирање на сексуалното насилство за време на конфликт: Лондон 2014“, кој се одржува од 10 до 13 јуни 2014 година во Лондон.

Во своето излагање Попоски стави  акцент на еден од аспектите, значајни за запирање на овој негативен феномен, односно на зајакнувањето на политичката, економската и општествената вклученост на жените, особено кога станува збор за мирот и безбедноста.

На самитот учествуваа високи владини претставници од земји кои ја имаат прифатено Декларацијата за обврзување за запирање на сексуалното насилство за време на конфликт, како и претставници на меѓународни организации и национални и меѓународни експерти од правната, воената, хуманитарната, судската и граѓанската сфера.

Настанот претставува најголемо собирање, посветено на оваа тема досега, со цел да се поттикне координацијата на меѓународните напори и да се создаде неповратен моментум кон запирање со употребата на сексуалното насилство во конфликти.

Попоски оствари повеќе средби со Министри за надворешни работи.

Тој одржа и предавање во престижниот  „London School of Economics“ посветено на економските реформи на земјата, во контекст на евроатланските перспективи на Регионот.   Во своето излагање  тој даде акцент на повеќе аспекти на политиките за економски развој на Македонија, како трговска отвореност, привлекување на  странски  инвестиции, нови технологии и квалификувана работна сила.  Економските реформи бараат стабилна и предвидлива политичка клима, истакна Попоски.

На крајот на предавањето министерот одговараше на повеќе прашања од присутните, поврзани со приоритетите на надворешната политика на Македонија, односите со соседите, како и со справувањето со актуелните економски   и политички предизвици на земјата и  Регионот.