Попоски на Самит за запирање на сексуалното насилство за време на конфликт

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, во периодот од 11 до 13 јуни 2014 година ќе престојува во работна посета на Лондон.

Министерот Попоски ќе учествува на Глобалниот самит за запирање на сексуалното насилство за време на конфликт, на кој ќе присуствуваат државници и високи претставници од над 100 држави во светот. Домаќини на Самитот се шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг и специјалниот пратеник на високиот комесар за бегалци на ОН, Анџелина Џоли.
Министерот Попоски ќе има свое обраќање во Министерскиот дијалог насловен како „Постигнување напредок преку учество на жените“.

Во рамките на посетата министерот Попоски ќе оствари средби со британскиот министер за Европа, Дејвид Лидингтон, со претседавачот на ЕУ-комитетот при Горниот дом на Парламентот, лордот Босвел, како и со Карен Лумли, која ја предводи парламентарната група за Македонија во Долниот дом на Парламентот.

Министерот Попоски ќе одржи и предавање во престижниот London School of Economics, посветено на економските реформи на Република Македонија во контекст на евроатлантските перспективи на земјата и на регионот.