Попоски на состанок на Процесот за соработка во ЈИЕ во Букурешт

Делегација предводена од министерот за надворешни работи, Никола Попоски  денеска во Букурешт учествуваше на втората неформална средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ.

На овој политички форум во Букурешт, министерот за надворешни работи на Романија, Титус Корлецеан во својство на претседавач со ПСЈИЕ доби поддршка од министерот Попоски за заложбите на Процесот во улога на конструктивен партнер и како дел од Тројката. Своја контрибуција дадоа и Генералниот секретар на региоаналниот центар за соработка лоциран во Сараево, Горан Свилановиќ, заменикот премиер и МНР на Молдавија, Наталија Герман, министрите за надворешни работи на Црна Гора, Албанија, Бугарија и Косово, Игор Лукчиќ, Дитмир Бушати, Кристијан Вигенин и Енвер Хоџај.

Попоски во својот говор, како што соопштија од МНР, ги презентираше заложбите на Македонија за продлабочена регионална соработка. Се осврна на два аспекти во овој контекст, во рамки на заложбата за интеграција на земјите од регионот во ЕУ, беа нотирани успеси изминатата година со приемот на Хрватска, статусот на Црна Гора и Србија со ЕУ, ветувачкиот напредок за Молдaвија како и дијалогот помеѓу Приштина и Белград. Во оваа насока позитивниот тренд треба и понатаму да продолжи, истакна Попоски.

“Визијата од македонското претседавање со ПСЈИЕ веќе се остварува: Охридската декларација и работната ад- хок група се во функција на евроинтегрирање и економски раст во регионот. ЕУ фондовите ни се најпотребни за инфраструктура меѓу членки и кандидати. Тоа е практично интегрирање”, истакна Министерот Попоски.

Исто така треба да се посветиме на почитување на културните вредности и креирањето на предвидливост за целиот регион, истакна министерот Попоски.

Министерот Попоски на маргините на министерската средба остварил неформални разговори со своите колеги присутни во Букурешт.