Попоски: Наивно е да веруваме дека некој друг ќе не’ протурка до ЕУ

Европска стабилност нема да дојде чекајќи ја од други, туку преку наша соработка во соседството, истакна вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски на 53-та Минхенска безбедносна конференција, која викендов се одржува во Минхен, СР Германија.

Конференцијата е посветена на промените во односите во светски рамки, со фокус на европското опкружување.

– Постои процес на редефинирање на односите глобално. Криза околу ЕУ значи намален апетит за интегрирање на нови членови. На Балканот и во Македонија би биле наивни ако веруваме дека некој друг ќе ни извезе предвидливост и ќе не протурка до ЕУ. Одговорот е дека треба да се преземе одговорност и иницијатива за соработка, во економија, безбедност и политичка координација. Само така ќе ги убедиме своите граѓани и граѓаните на ЕУ дека ние сме реален фактор за европска стабилност. А без неа, нема одржлив економски развој, нагласи Попоски.

За време на Конференцијата, министерот Попоски, како што соопшти неговиот кабинет, оствари повеќе средби со своите колеги, на кои беа разменети мислења за актуелниот геополитички контекст и за тоа како истиот би се одразил врз регионалната безбедност и сигурност.