Македонија

Попоски: Нема сигнали дека Грција сака да ја отстрани блокадата

Попоски: Нема сигнали дека Грција сака да ја отстрани блокадата

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, утринава имаше работен појадок во Постојаната мисија на Унгарија при Европската унија со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Брисел, на кој присуствуваше и директорот на Генералниот директорат за преговори за проширување, Кристијан Даниелсон, јави МИА.

Притоа, според изјавата на македонскиот шеф на дипломатијата, тој потенцирал дека повторување на рецептот со грчка блокада на Европскиот совет не ја подобрува состојбата во однос на процесот на проширување на Унијата, додека од претставниците на Европската комисија било потенцирано дека и од Грција се очекува да помогне во придвижувањето на евроинтеграцискиот процес на Македонија.

– Имавме разговор со сите претставници на Советот на Европската унија што треба да донесат одлука за почеток на преговорите, односно придвижување на процесот со Република Македонија. Во оваа офаза, ние ги изнесовме аргументите што се многу важни, а тоа е дека шеста година по ред Комисијата препорачува, а Советот, под влијание на земја-членка што има билатерално прашање вклучено во ова, ја одложува одлуката. Тоа што го потенциравме е дека повторувањето на овој рецепт не води кон зголемена веројатност и динамика за правење исчекор и почеток на преговорите и дека таа одлука е неопходна, истакна Попоски во изјава за МИА по средбата.

Притоа, според македонскиот министер, Еврокомисијата упатила многу јасни пораки, а тоа е дека има очекување во Република Македонија за реформите, но и очекувања од сите земји-членки, особено од таа што е клучна за нашата земја, да помогне во придвижувањето на овој процес.

– Исто така разговаравме и за Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) и сите реформи што во тој опсег би требало да ги спроведеме. Притоа, пораките беа упатени и во правец на зајакнување на политичкиот дијалог во Македонија, односно присуство на сите актери, особено на оние што кај нас се отсутни од Собранието и истите да ги почитуваат институциите и да бидат конструктивен дел од европската агенда во Македонија, вели Попоски.

На прашањето за тоа какво е расположението кај амбасадорите на ЕУ-земјите, кои ја сочинуваат т.н. КОРЕПЕР-група во Советот на Унијата да притиснат на декемврискио Самит на ЕС да се донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија, посебно што, според информациите, на состанок на дипломатите на земјите-членки во рамки на т.н. КОВЕБ-група, се развила жестока дискусија и притисок врз грчките претставници да ја тргнат шестгодишната блокада, македонскиот шеф на дипломатијата со одговор: „Постои критична маса на луѓе во европските кругови што се свесни и се залагаат за почеток на преговорите со Македонија оти сметаат дека тоа е навистина неопходно. Но, во поглед на носењето на одлуки во ЕУ, за нас, главна е Атина и Атина одлучува за видот на одлуки што ќе бидат донесени“.

Според Попоски, пораката што тој ја упатил е дека пристапот што досега го имаа Грците е веќе тестиран и не ја зголемил веројатноста за почнување на преговори. Сепак, тој потенцира дека повторно, одлуката е во рацете на земјите-членки на Унијата и повторно ќе биде потребна Атина да даде согласност за тоа.

– Виден е фактот дека многу фактори во ЕУ се согласуваат со оценката дека Македонија ќе биде поблиску до Унијата ако започнат преговорите. Оценката за тоа останува во Атина и пречките што досега ги има поставувано нема посебни сигнали дека сака да ги отстрани, заклучува Попоски.

По утринскиот работен појадок со амбасадорите во Советот на ЕУ, кој се одржа во Брисел, македонскиот министер замина за Сенегал, каде утре ќе учествува на состанок лидерите и шефовите на дипломатиите на земјите од Франкофонијата.