Попоски: Обуките одлична можност за пренесување искуства до македонските дипломати

Врз основа на Меморандумот за соработка меѓу Министерствата за надворешни работи на Македонија и на Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, во Македонското МНР беше организирана обука за дипломатите која ја спроведе реномираниот Центар за политички и дипломатски студии од Лондон, а предавачи беа Џон Емери, директор на Центарот и амбасадорот Џереми Хил.

Чинот на врачување на потврдите за учество од страна на предавачите беше претходно одбележан со кратки обраќања на Министерот Никола Попоски и Амбасадорот на Обединетото Кралство В. Британија и С. Ирска, Кристофер Ивон.

„Со овој тип на обука се обезбедува уште поотворена комуникација и можност за пренесување на искуства до Македонските дипломати од страна на колеги и експерти кои произлегуваат од една од највлијателните дипломатски служби во светот. Зголемената соработка во овој контекст оди во прилог на постојаното унапредување и градење на посилни капацитети во Македонија, а во функција на остварување на стратешките цели”, изјави министерот Никола Попоски.

Обуката ја следеа 54 дипломати од Министерството, од сите директорати, со посебен фокус на помладите.
Во текот на обуката беа дискутирани повеќе теми: политика, организација и менаџмент на централа и дипломатска мисија; политичка анализа, известување и брифирање; преговарачки и претседавачки вештини; справување со конзуларна криза; стратешка комуникација, вршење влијание и оформување мрежа; вештини за лично презентирање; дипломатска комуникација.