Попоски оствари средба со амбасадорот на САД, Пол Волерс

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски денеска во проштална посета го прими амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Пол Волерс.

Беше изразено задоволство од успешната соработка меѓу двете пријателски земји во повеќе значајни домени, нагласувајќи го интересот за нивно натамошно унапредување и продлабочување, преку нови форми на соработка и потпишување на конкретни билатерални договори.

Соговорниците разговараа и за НАТО и ЕУ, во контекст на нашиот интерес за интеграција во истите. Во оваа насока, Попоски истакна дека сме посветена страна во решавањето на ирационалното прашање за името.

Борбата против тероризмот беше исто така покрената тема, за која беше заклучено дека неопходна е будност во очи на заканите кои демнеат. Стана збор и за регионалната соработка која беше оценета како многу важна.

Министерот Попоски ја поздрави успешната дипломатска мисија на амбасадорот Волерс и воедно, ја искажа благодарноста за неговиот личен придонес во унапредувањето на партнерските односи и на сéвкупната соработка меѓу двете пријателски земји, уверен дека истата ќе продолжи.