Попоски оствари средба со претседавачот на Воениот комитет на НАТО

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денес оствари средба со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал Кнуд Бартелс кој се наоѓа во дводневна работна посета на Република Македонија.

За време на посетата генерал Бартелс оствари средби и со претседателот на Република Македонија Иванов, министерот за одбрана Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ Котески.

На средбата Попоски ја реафирмираше определбата на Владата на Република Македонија за што поскоро зачленување во НАТО, како еден од врвните приоритети на надворешната политика на Република Македонија. Ја истакна континуираната посветеност на Владата на Република Македонија во спроведувањето на националните реформски процеси содржани во Годишната национална програма за членство на Република Македонија во НАТО 2014-2015 во рамки на 16-от циклус на Акциониот план за членство.

Истовремено беше нагласен нашиот досегашниот ангажман во меѓународните мировсни мисии. Во оваа насока беше реафирмирана заложбата на РМ за учество во новата мисија во Авганистан за обука, тренирање и помагање на авганистанските безбедносни сили “Решителна поддршка“, согласно потребите на Алијансата, мандатот на мисијата и можностите на РМ.

На состанокот двајцата соговорници разменија мислења и во однос на опасностите од тероризмот и новите безбедносни ризици поврзани со пролиферацијата на ОМУ. Во овој контекст се согласија дека градењето на партнерска соработка претставува заеднички интерес и определба, што истовремено придонесува кон зајакнување на регионалната и глобалната безбедност и претставува дополнителна вредност во прилог на нашето што поскоро зачленување во НАТО.