Попоски се сретна со претседателот на групата на социјалистите во ЕП

Министерот за надворешни работи Никола Попоски оствари средба со делегација на групата на социјалистите во Европскиот парламент предводена од нејзиниот претседател Џани Питела од Италија и потпретседателот Кнут Флекенштајн од Германија.

На средбата, како што информираат од Министерството за надворешни работи, беа разменети мислења за актуелната политичка ситуација во Република Македонија, нејзината европска перспектива, како и за предизвиците во справувањето со мигрантската криза.

Претседателот на групата на социјалистите Питела ја реафирмираше поддршката на Европскиот парламент и неговата политичка група за европскиот интегративен процес на Република Македонија. Беше истакната важноста од целосно имплементирање на Политичкиот договор и спроведување фер и демократски избори во април 2016 година, што би го отворило патот кон отпочнување на преговорите за членство во Европската унија.  Соговорниците се согласија дека конструктивното политичко опкружување во Република Македонија е многу знајчајно за избегнување на дополнителни пречки на патот кон ЕУ, соопшти МНР.

Попоски изрази благодарност за поддршката што Република Македонија ја добива во повеќе наврати од Европскиот Парламент во правец на отпочнување на преговори за членство во ЕУ.

Посакуваме поддршката да биде преточена во одлуки од страна на Советот на ЕУ, што сериозно би го зацврстило кредибилитетот на ЕУ перспективите за Република Македонија, констатираше МНР Попоски.

Во однос на ставовите и политичкиот дијалог во Република Македонија, изнесени од СД во ЕП, Попоски истакна уверување дека ќе бидат поддржани решенија кои се над се, во интерес на државата и нејзините граѓани.

Осврнувајќи се на кризата со бегалците, беше нагласена конструктивната улога на Република Македонија во справувањето со ситуацијата, како и потребата од зајакната соработка и координација со соседните земји и ЕУ.

Нема долгорочно решение без решавање на кризата во Сирија, истакна меѓу другото министерот Попоски.