Попоски: Приемот на Македонија е во интерес и на НАТО

Колку добива Македонија, толку добива и НАТО од членството на нашата држава во Алијансата. Ова е главниот заклучок од дискусијата на министерот за надворешни работи  Никола Попоски на Конференцијата за безбедност што денеска се одржа во Будимпешта во пресрет на Самитот на НАТО во Варшава.

Како што соопшти МНР, Попоски констатираше дека во поглед на регионалната безбедност, исто како и во поглед на безбедносните ризици поврзани со тековната криза со приемот на мигранти во Европа, одложувањето на одлуките повлекува цена.

Оваа цена со сигурност ја сноси Македонија, но воедно и Алијансата. Поддршката за членство е се уште висока, но кредибилитетот на овој процес ќе треба очигледно да се опоравува на подолг рок, истакна министерот Попоски.

Шефот на македонската дипломатија учествуваше на Конференцијата на покана на министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто.

Покрај Попоски, главни говорници на настанот беа и министерот за надворешни работи на Словачка Мирослав Лајчак и Тед Вајтсајд, заменик-генерален секретар за јавна дипломатија на НАТО, информира МНР.