Попоски се сретна со амбасадорот на Словачката Република

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска го прими на работна средба амбасадорот на Словачката Република во  Македонија, Мартин Безак.

На средбата беше разговарано за приоритетите и активностите на Словачка во рамки на нејзиното едногодишно претседавање со Вишеградската група (Словачка, Чешка, Унгарија и Полска) од 1 јули оваа година.

Притоа, беше потврдено дека поддршката за европската и евроатлантската интеграција на сите земји од Балканот останува високо на надворешно-политичката агенда на Вишеградската група.

Амбасадорот Безак врачи покана од словачкиот вице-премиер и министер за надворешни работи Мирослав Лајчак за учество на министерот Попоски на традиционалниот состанок на министрите за надворешни работи на Вишеградската група и Западен Балкан, кој ќе се одржи во Братислава на 31 октомври 2014 година.

Говорејќи за главните надворешно-политички приоритети – интеграциите во НАТО и ЕУ и регионалната соработка, министерот Попоски го подвлече значењето на континуираната и принципиелна поддршка која Република Македонија ја добива од Словачка во овој контекст.

Во духот на овогодишното одбележување на дваесеттиот јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, министерот Попоски и амбасадорот Безак ги поврдија добрите македонско – словачки билатерални односи, притоа изразувајќи заемна подготвеност за нивно натамошно унапредување и продолжување на политичкиот дијалог на највисоко ниво.