Попоски се сретна со Помошник генералниот секретар на ОН

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски се сретна со Џихан Султаноглу, Помошник на Генералниот секретар на ОН и Директор на Регионалната канцеларија на УНДП за Европа и Зедницата на независни држави, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

Како што соопштуваат од Кабинетот на Министерот, на средбата било изразено взаемно задоволство од одличната соработка што постои меѓу Министерството за надворешни работи и претставниците на системот на ОН во земјата.

„Беа разменети мислења и за тековните активности од соработката со УНДП и подготовката на новата Рамка за развојна соработка, насловена Партнерство за одржлив развој- Стратегија на ОН за 2016-2020, што во соработка со националните институции и организации има за цел да ги адресира тековните развојни предизвици на земјата, во согласност со националните развојни приоритети, кои се тесно поврзани и структурирани околу евроинтегративниот процес“, соопштуваат од МНР.

Султаноглу оддаде признание за партнерството што е создадено меѓу Владата на Република Македонија и УНДП за прашањата за вработување и јакнење на социјалната кохезија. Таа нагласи дека ова беше посочено како успешен примери и во нејзиното обраќање на регионалната конференција за вработување и социјална инклузија во ЈИЕ и Турција, насловена  „Создавање работни места за еднаквост и просперитет“, што се одржува во Скопје од 16-17 април.

Соговорниците се согласија дека и многу други успешни примери од заедничката соработка  и како Република Македонија ги решава развојните прашања може да бидат споделени преку мрежата на УНДП.