Попоски: Широка поддршка за Македонија од Советот за човекови права

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска имаше настап на Сегментот на високо ниво во рамки на 25-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации..

Во обраќањето Министерот Попоски се осврна на позначајните прашања од агендата на Советот за човекови права, настаните кои ја одбележаа минатата година и кои влијаеле врз состојбата на човековите права во низа држави. Тој ги истакна и приоритетите на Република Македонија во сферата на заштитата и промоцијата на човековите права на национално и на меѓународно ниво.

МНР Попоски се заблагодари за широката поддршка за избор на Република Македонија за членка на Советот за човекови права за периодот 2014 – 2016 година, што за нас претставува зголемена одговорност и поттик за засилен ангажман за разрешување на клучни прашања на меѓународната сцена. Министерот Попоски изјави дека “Република Македонија ќе продолжи да ги почитува и промовира највисоките стандарди за човековите права и да биде вокален промотор за обврските кои произлегуваат од човековите права на сите држави.”

Министерот Попоски ќе оствари средба и со Високиот комесар за човекови права Нави Пилај со кого ќе разговара за соработката со Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права во контекст на нашето членство во Советот за човекови права, како и за актуелни прашања од агендата на Советот.