Попоски: Што е можно помалку отворени прашања со Софија и повеќе практична соработка

Министерот за надворешни работи Никола Попоски смета дека во овој момент е неблагодарно да се коментира за резултатите од петочната средба во Скопје на работните групи од  министерствата за надворешни работи на Република Македонија  и Република Бугарија  во врска со консултациите по договорот за пријателство, добрососедство и соработка, јавува МИА.

Во одговор на новинарско прашање по денешната средба со неговиот црногорски колега Игор Лукшиќ во Скопје, Попоски нагласи дека на петочната средба, прва по формирањето на новата влада во Софија, се работело на согледување што е потребно за затворање на ова прашање.

– Во овој момент не би можел да кажам дека сите прашања се затвoрени и додека не бидат затворени не би било благодарно да коментираме. Целта е да имаме што е можно помалку отворени прашања и што е можно повеќе практична соработка. Во иднина ќе постапуваме според овие две точки, значи изолирање на отворени прашања и концентрирање на практичната соработка. Во оној момент кога ќе ги имаме споено сите дилеми ќе биде пристапено кон затворање на прашањето околу договорот, прецизира Попоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.