Попоски-Сијарто: Местото на Македонија е во европското семејство

Местото на Македонија е во европското семејство, за што неколкупати досега ја докажала својата улога како заслужен член на Унијата, оценија денеска претседателот на Советот за евроинтеграции при Собранието на Република Македонија Никола Попоски и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Како што соопшти прес-службата на македонското Собрание, двајцата соговорници констатираа дека пред и по членството, стабилноста на државата зависи од односите на соседите. Тоа е случај за Македонија, колку што е и за Унгарија.

Според Попоски, кога ќе влеземе во ЕУ зависи од членките на ЕУ, но кога ќе се европеизираме зависи само од нас самите. – Затоа, вниманието треба да ни биде на зајакнувањето на институциите и примена на законите повеќе отколку на што било друго, истакна Попоски.

Сијарто ја повтори поддршката од Унгарија во евроатлантските аспирации на Македонија, потенцирајќи го континуираниот напредок што државата го остварува во насока на процесот на проширување на ЕУ и НАТО. Потврди дека Македонија беше верен партнер на Унгарија во менаџирањето на мигрантската криза, како заштитник на надворешната граница на ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.